Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ на прашање за „Дојче веле“ што мисли за споредбите на протестите во Србија со т.н. „македонско сценарио“ и обвинувањата за мешање во внатрешните работи, рече:

Не се користи во Црна Гора тој термин. Од време на време некој го споменува од страна на опозицијата. Но, во Македонија, сепак, во финалето дојде до избори и на тие избори беше востановена демократската волја на граѓаните на Македонија и врз темелот на таа волја беше конституирана власт која во краток временски период покажа капацитет да реши еден долготраен, наследен проблем на македонско-грчките односи и со тоа ја отвори перспективата за брзо членство на Македонија во НАТО и скорешно отворање на процесот на преговори со ЕУ.

Ѓукановиќ продолжи:

Тешко ми е да судам за тоа. Не ја избегнувам темата, но не сум толку запознат за да судам за такви детали: дали во организацијата на протестите во Белград има и нечии други интереси. Она што сакам да го кажам е дека сите тие протести во Србија, Албанија и Црна Гора имаат една заедничка нишка, а тоа е очигледната нервоза и желбата да дојде до промена на власта на поинаков начин од оној кој што го предвидуваат Уставот и законите. Со Уставот и законите е предвидено дека власта се бира на избори и дека тоа треба да биде израз на слободната волја на граѓаните. Токму поради недовербата во демократскиот капацитет во општествата на Западниот Балкан нашите изборни процеси имаат и дополнителен мониторинг. Од нашето црногорско искуство можам да ви кажам дека ние постојано го унапредуваме нашиот изборен систем. Оттука, барањата за промена на власта вон институциите и вон она што е предвидено со нашите правни и изборни системи не се добри- тоа се предлози кои ги рушат институциите, а со тоа и самата држава. Забележувам исто така дека се инсистира на тие протести и на таква промена на власта дури и тогаш кога е јасно дека на тој начин ќе се нарушат некои од суштинските национални интереси на тие држави. Албанија е пред отворање преговори со ЕУ; а ЕУ денеска соопштува дека таквата атмосфера ќе доведе до тоа да се одложи почетокот на преговорите, и тоа секако не е во интерес на Албанија и албанскиот народ, но сепак се случува.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.