Премиерот на грција, Кирјакос Мицотакис, во 19.30 часот ќе упати ТВ порака до граѓаните за пандемијата и мерките за заштита на јавното здравје, соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер.

Поради влошената епидемиолошка слика, областа Атика, односно поширокиот регион на Атина, веројатно се наоѓа на чекор до дополнителни рестриктивни мерки и уште построг карантин, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис свика вонреден состанок со надлежните министри, на кој присуствуваа и шефот на комисија на епидемиолози и претседателот на Националната организација за јавно здравје при што, како што соопшти министерот за здравство, биле разгледани, епидемиолошките податоци и состојби.

Премиерот побара Комисијата на епидемиолози вонредно да се состане за да го разгледа преземањето мерки за Атика. Надлежната комисија ќе се состане, ќе даде препораки, а потоа ќе бидат објавени евентуалните мерки – изјави министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, по завршувањето на состанокот во премиерската палата.

Министерот за здравство на Грција утрово, во интервју изјави дека неговата препорака до комисијата е во Атика да се воведен строг „локдаун, веројатно како минатиот март“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.