Со Хрватска, како партнери, како сојузници, ги делиме истите вредности, истите принципи за заедничка визија за безбеден Балкан, полн со проспретитет, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по средбата со неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ во Загреб, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис денеска е во еднодневна официјална посета на Хрватска, а по средбата со Пленковиќ, двајцата премиери се осврнаа на темите за кои разговарале меѓу кои и Западен Балкан, истакнувајќи ја нивната поддршка.

Имавме можност да разговараме за предизвиците што се однесуваат на Западен Балкан, одново да потврдиме дека иднината на Западен Балкан треба да биде во европското семејство – истакна Мицотакис.

Додаде дека бил информиран „за загрижувачката состојба во Босна и Херцеговина’“, а Пленковиќ рече дека размениле мислења за регионот, осврнувајќи се на ситуација во Босна и Херцеговина.

Двајцата премиери разговарале и за мигрантското прашање, ситуацијата во Украина, за туризмот, како и за економскиот раст во двете земји.

За мигрантската криза, Мицотакис рече дека ставот на Грција е „едноставен и се заснова на хуманоста од една страна и на безбедноста од друга страна, односно чувањето на европските и националните граници, но и спасувањето на угнетените луѓе“, додека пак Пленковиќ ѝ се заблагодари на грчката Влада за „одлучната политика во борбата со нелегалната миграција, со оглед на тоа дека токму таквиот став зачително го намали интензитетот на миграцијата во Источниот Медитеран и на западнобалкансата рута“.

Грчкиот премиер за време на еднодневна официјална посета на Хрватска ќе се сретне и со претседателот на Парламентот Гордан Јандроковиќ и ќе биде примен од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.