Сега, нашата борба е една, да ја задржиме Грција силна, а Грците здрави. Пандемијата ќе нè чини. Но, ќе нè направи победници и позрели. Исчеличени како никогаш до сега, за одново да ја одведеме напред татковината, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата порака до граѓаните по повод 25 март, националниот празник на Грција, односно годишнината од востанието против Отоманската империја, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис се осврнува на фактот што денеска нема да се одржат традиционалните паради, вели дека оваа година националниот празник се слави дома, „со свесност дека сега, непријателот е пандемијата“.

Пред пандемијата денеска ќе парадираат нашата моќ и нашето единство. На овој фронт се оценува патриотизмот на одговорноста. И таму, во пракса, а не на зборови ќе биде ставена на тест, општествената солидарност, бидејќи во оваа битка сите сме еднакви – рече Мицотакис.

Говорејќи за востанието во 1821, вели дека тогаш, „предците се обединија, се кренаа и ја ослободија татковината“, а сега, „нивните деца бдеат на други фронтови: на границата, во болниците и во секојдневието“ и истакнува дека „само обединети народи можат да ги надминат тешкотиите“.

На овој голем ден, националното сеќавање го претвораме во одговорност за сегашноста. Дисциплинирано стоиме до државата, како што таа се бори заедно со нас. Бидејќи истите „доблест и смелост“ што тогаш беа потребни за слободата, потребни се и за сегашната борба. Колку побрзо се добиваат малите и големите битки со коронавирусот, толку побрзо ќе се добие и војната. Имаме и ќе имаме загуби. И нашата економија ќе страда. Но, наша должност е болката да ја сведеме на минимум. И, на фер начин да ја споделиме цената за прилагодувањето кон новата економска реалност – истакна грчкиот премиер.

Националниот празник на Грција, ќе се одбележи скромно и симболично, без традиционалната воена парада, туку грчкиот државен врв ќе положи цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент, а истовремено воени авиони и хеликоптери ќе прелетаат над плоштадот Синтагма во Атина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.