Големината на катастрофата, особено на Евија и во Атика, ги оцрнува срцата на сите нас. И прв јас се извинувам за евентуалните слабости што постоеја, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата изјава за ситуацијата со пожарите во земјата и најави дополнителна помош во висина од 500 милиони евра за овие две области, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис порача дека целосно ја разбира болката на граѓаните кои гледаа како горат нивните домови и имоти, истакна дека приоритет било да се спасат човечки животи и додаде дека изминатите денови беа едни од најтешките во последните децении.

Водевме и уште водиме битката со сите наши сили. Но, се соочуваме со природна катастрофа од невидени размери: за неколку дена, избија 586 пожари избија во сите делови на Грција. Пожари, кои поради досега невидената жештина и повеќемесечната суша, веќе многу тешко се гаснат, рече грчкиот премиер.

Потенцираше дека тоа што беа спасени човечки животи се должи на целосните планови за евакуација и на професионалноста на цивилната заштита, на акцијата на полицијата и крајбрежната стража.

Очигледно е дека климатската криза веќе тропа на вратата на целата планета, со пожари кои траат со недели. Ова е објаснување, но не и изговор или алиби. И ќе кажам јасно: можеби го сторивме она што беше човечки можно, но во многу случаи ова не изгледаше доволно во нерамноправната битка со природата. Но, истото така јасно ќе кажам дека ќе бидеме до оние што се погодени од пожарот, порача Мицотакис.

Објасни дека преку Фондот за закрепнување обезбедени се средства за пошумување, пред сè на Евија и во Атика, но и дека одобрил дополнителен буџет од 500 милиони евра специјално за овие области.

На крајот од изјавата, грчкиот премиер се осврна на неговото лично искуство како премиер во изминатите 25 месеци, велејќи дека требало да управува со повеќе кризи „од асиметричниот напад на Еврос до нападот на коронавирусот и од повеќекратните национални предизвици во Источниот Медитеран, до големиот облог на вакцинацијата“.

Сите имаа повеќестрани последици за економијата и општеството и сите на почетокот изгледаа несовладливи. Но, сите ги надминавме со убеденост и единство. Истото ќе се случи и сега, со смели одлуки што ќе променат многу работи, додаде грчкиот премиер.

Мицотакис за утре закажа владина седница на која ќе се донесат одлуки за поддршка на погодените од пожарите кои во изминатата седмица ја зафатија Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.