Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, по средбата со неговиот романски колега, Николае Чиука, за време на официјалната посета на Романија, изјави дека се согласиле да работат заедно за што е можно поскоро да се свика првата Меѓувладина конференција за Албанија и Македонија.

Западен Балкан била една од темите за кои разговарале двајцата премиери, кои изразија силна поддршка за европската перспектива на регионот.

Имавме можност да разговараме за случувањата на Западен Балкан. Апсолутно се согласуваме дека местото на Западен Балкан, на сите држави од Западен Балкан е во Европа и можеме да работиме заедно за да го олесниме овој тек. Се согласивме да работиме заедно за што е можно поскоро да се свика првата Меѓувладина конференција за Албанија и Македонија – порача Мицотакис.

Романскиот премиер, пак, соопшти дека во однос на проширувањето на Европската Унија, констатирале дека Романија и Грција остануваат активни поддржувачи на овој процес, кој мора да напредува врз основа на заслугите на земјите кандидати.

Нашите ставови се поклопуваат, проширувањето е геостратешка инвестиција во стабилноста и просперитетот на целиот европски континент – истакна романскиот премиер.

Чиука и Мицотакис, разговарале и за низа други теми, како ситуацијата во Украина, но и прашања од взаемен интерес, а потпишале и заедничка декларација за дополнително унапредување на билатералната економска и политичка соработка меѓу Романија и Грција.

Мицотакис е во прва официјална посета на Романија, а освен со неговиот романски колега Николае Чиука се сретна и со претседателот на Романија Клаус Јоханис.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.