Продолжување на строгиот карантин во областа Атика, поширокиот регион на Атина, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот од денешната владина седница и паралелно истакна дека „успехот во процесот на вакцинација не треба да биде алиби за опуштање“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во областа Атика, од 11 февруари, беа воведени поголеми рестрикции, со продолжен полициски час за време на викендите, што почнува од 18 часот, а мерките, првично беше планирано да траат до крајот на месецов, а вчера, од 2.147 нови случаи, 1.047 беа во овој регион.

Вчера видовме нагло зголемување на случаите, особено во Атика, што де факто ја оддалечува нашата намера, секогаш слушајќи ги упатствата на експертите, да одиме на постепено отворање на 1 март, рече Мицотакис и додаде дека главната порака што треба да се испрати е дека е потребна посветеност кон мерките.

Грчкиот премиер рече дека има брз напредок во операцијата „Слобода“, односно во процесот на имунизација во земјата.

Оценувам дека набргу ќе ја надминеме бариерата од еден милион во операцијата „Слобода“, која генерално е добро организирана и е многу прифатена од граѓаните. Но, во исто време, чувствувам дека нашиот успех во вакцинирањето создава некои чувства на општа опуштеност. И ова е нешто со кое треба да се справиме, бидејќи многу добро знаеме дека сè уште немаме изградено ѕид на имунитет, истакна Мицотакис.

Досега во Грција се спроведени 758.480 вакцинации, односно постигната е 7.22 отсто имунизациска покриеност на населението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.