Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, денеска најави „ново храбро и трајно” намалување за 13 отсто на годишниот данок на сопственост на недвижнини, одлука, која како што рече, е праведна за општеството и корисна за економијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис објасни дека намалувањето значи дека Грците ќе платат 860 милиони евра помалку во споредба со 2018 година и 350 милиони евра помалку во 2022 година.

Тој додаде дека со промените осум од десет граѓани ќе плаќаат уште понизок данок, некои ќе платат ист износ, а за околу 6 отсто ќе има зголемување, со оглед на тоа дека реалната вредност на имотот во некои области е двојно или тројно зголемена.

Мицотакис рече дека новата иницијатива се заснова на конзистентната економска политика што ја следи Владата и овозможува соодветни дополнителни мерки за олеснување, но и дека станува збор за реален потег што не ги надминува буџетските граници.

Секој чекор напред мора да се прави на начин што нема да доведе до два чекори назад. Така, нашата држава остана исправена и се разви во текот на двегодишната криза. Така, ќе се справи и сега со привремените глобални турбуленции, рече грчкиот премиер.

Истакна дека поради меѓународната енергетска криза, што носи и покачувања на цените, државата продолжува да покрива дел од покачувањата на сметките за струја, паралелно воведува и намалување на даноците, се со цел да се поддржи расположливиот приход на сите домаќинства и повтори дека од 1 мај ќе се воведе и второ зголемување на минималната плата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.