Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, за време на владина седница, соопшти дека проценките велат дека, откако ќе бидат одобрени од надлежните европски организации, првите вакцини ќе пристигнат во Грција пред крајот на годината.

Мицотакис повтори дека вакцината ќе биде бесплатна за сите и нема да биде задолжителна, а ќе постои кампања за информирање на јавноста за потребата што повеќе граѓани да се вакцинираат.

Говорејќи за актуелната ситуација со пандемијата во земјата, Мицотакис изјави дека има мало подобрување, со намален дневен број нови случаи и постепено намалување на притисокот врз здравствениот систем во северна Грција, но потенцираше дека сепак, претстојат тешки денови, со оглед на тоа дека набргу ќе почне дискусија за начинот на олабавување на строгите рестрикции.

Сакам уште еднаш да истакнам дека не треба да зборуваме со датуми, треба да говориме со податоци. Тие ја одредуваат нашата политика. Најважниот податок што треба да го оцениме во овие околности се можностите на Националниот здравствен систем. Според тоа, морам да истакнам дека треба да бидеме многу внимателни во одлуките што треба да ги донесеме, земајќи ги предвид препораките на експертите. Можеби патот ќе биде побавен, но ќе биде посигурен и побезбеден – порача Мицотакис и повтори дека индивидуалната одговорност е должност на сите граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.