Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, за време на средбата со грчката претседателка, Катерина Сакеларопулу, истакнал дека Грците одат да се вакцинираат и дека големо мнозинство од грчкото општество има доверба во вакцините.

Мицотакис и Сакеларопулу коментират дека процесот на имунизација е позитивната и охрабрувачка вест за земјата, а грчкиот премиер истакна дека од април, кога на располагање ќе имаат повеќе вакцини, побрзо ќе може да се изгради ѕидот на имунитет.

Тие двајца се осврнале и на ситуацијата со пандемијата, при што Мицотакис изјавил дека националниот здравствен систем и покрај притисокот издржува. Според него, охрабрувачки е фактот што во изминатите денови имало баланс меѓу примените и отпуштените пациенти во болниците во Атика.

Во однос на рестриктивните мерки и можноста за нивно олабавување, Мицотакис објаснил дека ги чекаат препораките од Комисијата на епидемиолози за потоа да донесат одлуки.

Ги очекуваме препораките на Комисијата, кои ќе ги земат предвид, од една страна, епидемиолошките податоци, кои не се многу охрабрувачки, а од друга страна фактот дека има насобран замор кај луѓето и дека мерките во суштина и не се почитуваат целосно, нешто што се случува во сите европски земји – изјави Мицотакис.

Грчката претседателка истакна дека целосно ги разбира заморот и агонијата на граѓаните, но дека мерките се начин да се запре епидемијата.

Гледам дека и експертите и Владата бараат начини за излез од оваа задушувачка средина. За жал, не постојат лесни решенија и рецепти – изјави Сакеларопулу.

Та потенцира дека е особено важно децата и младите да се вратат во училиштата и на факултетите, „што се нивната природна средина“, на што Мицотакис одговори дека со набавката на тестови за себетестирање, кои ќе бидат за домашна употреба, ќе имаат дополнително оружје за безбедно враќање во училишните клупи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.