Албанскиот претседател Илир Мета, побара од премиерот Еди Рама и лидерот на опозицијата Љуљзим Баша да се откажат од борбата за власт и да размислат за изборите на 13 октомври, бидејќи „се уште има време да им се врати европската надеж на албанските граѓани“.

Тој потсетува на неговата изјава, дадена на 27 јуни минатата година по заклучоците на Советот на ЕУ, кога ја предупреди албанската политика дека времето истекува и локалните избори ќе бидат тежок испит за одлука за преговори.

Не само што попусто беше потрошена една година, без соработка, концентрација и одговорност, туку нештата се влошија единствено во интерес на борбата за власт. Но, се уште имаме можност да ги искористиме овие денови, да одржиме избори на 13 октомври 2019 година, како обврска, не само законска, туку и како неопходност да се избегне задржувањето на нулта шанси Албанија да ги започне преговорите за пристапување со ЕУ, на 18 октомври 2019 година – напиша Мета на Фејсбук.

Додава дека доколку премиерот не сака претседателот да ја игра улогата на преговарач, Мета на двојката Рама-Баша им предлага меѓународни претставници да посредуваат во политичкиот дијалог.

Треба итно да се искористи подготвеноста на раководството на ОБСЕ да помогнат во надминување на оваа криза, со цел да се одржат локални избори на 13 октомври 2019 година и да се постигне договор за изборна реформа што е можно поскоро – порачува Мета.

Сите алтернативи, според претседателот Мета, се на политичката маса, но ако мнозинството и опозицијата бараат алиби, тогаш постои ризик да ја изолираат земјата од европското семејство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.