Не би сакал никогаш да се разделиме бидејќи не само што сме две соседни земји, туку сме исклучително заинтересирани Македонија да има прогрес, и доколку се движат побрзо од Албанија, нека има прогрес, и Албанија нема зошто да ја влече Македонија назад, истакна претседателот на Албанија, Илир Мета.

Во вечерашното гостување на ТВ 21, тој рече дека како држави треба да ги зголемиме напорите за да се движиме заедно по овој пат и да се најде решение со Бугарија и билатералните прашања да не бидат пречка за пристапувањето на некоја држава кон ЕУ.

Ова беше мојот став и претходно и реков дека последните 2,3 години Македонија е многу понапред од Албанија, во правец на исполнување на главните задачи од евроинтеграцискиот процес. Досегашното вето од Бугарија е неоправдано бидејќи е неприфатливо билатерално прашање да стане пречка за проширувањето, бидејќи излегува дека секоја држава членка на ЕУ да може да постави вето било кому, рече претседателот на Албанија.

Мета најави дека наскоро ќе го посети бугарскиот претседател Румен Радев и ќе разговара за она што може да се стори за решавање на македонско-бугарскиот спор. Тој говореше и за Отворен Балкан, при што посочи дека не може да изигрува адвокат на иницијатива која до сега три пати го сменила името.

Мислам дека има многу иницијативи кои се консолидирани но се сеопфатни каде и Косово е рамноправна страна со сите, до кои треба да се придржуваме и кои се под надзор на Германија или ЕУ. Оваа иницијатива, јас како претседател можам да кажам дека до сега не сум видел ниеден акт од оваа иницијатива иако побарав официјална информација од МНР на Албанија. Тешко ми е да зборувам за оваа иницијатива, за прашања за кои нема официјален, државен документ, рече тој.

Претседателот Мета ќе биде во тридневна посета на Скопје. Утре ќе се сретне со претседателот на државава, Стево Пендаровски, и претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.