За време на прошталната посета, германската канцеларка евоцираше и спомени од заедничката борба против мигрантската криза.

Од грчкиот народ беше барано многу, честопати и премногу одрекувања во годините на економска криза, но дијалогот, кој никогаш не беше прекинат, помогна да се најде решение, е суштината на пораката што Ангела Меркел ја испрати до домаќините во Атина.

Меркел беше срдечно пречекана на нејзината последна официјална посета на Грција како германски канцелар. Средба со претседателката Катерина Сакеларопули, приватна вечера во станот на премиерот Киријакос Мицотакис, при што биле послужени критски специјалитети и грчки деликатеси. Официјални разговори за економската соработка, проблемите со мигрантите, турските провокации во Источен Медитеран, енергетските договори, но и потсетување на годините на грчката криза и тешките одлуки што Меркел ги донесе спротивставувајќи им се на своите министри во намерата да ѝ обезбеди опстанок на Грција во европското општество и да го спречи „грегзитот“.

На средбата со домаќините, канцеларката Меркел рече дека во односите меѓу двете земји имало подеми и падови, но дека тоа што тие се засновани на цврсти темели овозможило во сите ситуации да се зачува дијалогот како клуч за решавање дури и на најтешките проблеми.

Секогаш имавме различни ситуации и задачи. Еднаш тоа беше стабилизацијата на еврото, притисоците да се спроведат цела низа тешки реформи и секако проблемот со мигрантите, кој го решававме заедно, рече Меркел на средбата со грчкиот премиер и ја подвлече важноста на соработката за време на пандемијата, формирањето фонд за поддршка и покренувањето на прашањето за здравствените потврди.

Таа потсети дека во моментот кога се поставувало прашањето за грчкиот опстанок во монетарната унија, била свесна за товарот што паѓа врз грбот на грчкиот народ, но дека е најважно дека е најден начин таа земја да опстане во унијата.

На крај сакам да нагласам дека можеме многу да научиме од Грција – заклучи Меркел на прес-конференцијата.

Премиерот Мицотакис се осврна на сѐ подобрите економски односи со Берлин, зголемувањето на инвестициите, зголемениот интерес на инвеститорите, огромниот број туристи…

Конечно, Грција денес не е онаа од пред десет години, таа веќе не е држава-колонија, туку модерна земја со прецизни планови за иднината, нагласи Мицотакис, потсетувајќи на тешката економска деценија што Грција ја остави зад себе и на мигрантската криза, со надеж дека соработката со новото германско раководство ќе биде уште поширока и покорисна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.