Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска во Берлин разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел за унапредување на политичките и економските односи меѓу двете земји.

По средбата, на прес-конференцијата Меркел изјави дека разговарала со српската премиерка за Берлинскиот процес, успешната економска соработка и за потребата на реформи во правосудството.

Почувствував волја и подготвеност работите да се подобрат, што е тесно поврзано со напредокот во процесот на пристапување во ЕУ – изјави Ангела Меркел, додавајќи дека доста тоа е направено.

На средбата се разговарало и за регионот, за што германската канцеларка наведе дека Берлинскиот процес се покажал како користен и довел до разни можности за соработка.

Меркел посочи и дека треба да се продолжи со работата за приближување кон решението за Косово и дека Германија ќе продолжи да го поддржува развојот на Србија.

Српската премиерка истакна дека Косово е единствената точка на недоразбирање меѓу Белград и Берлин, но и дека Германија е еден од најважните партнери.

Колку и да понекогаш не се согласуваме, најважно е да разговараме, да ги слушнеме мислењата и советите и да видиме дали можеме заедно да ги приближиме ставовите и да дојдеме до долгорочно и одржливо решение. Без историското помирување на Србите и Албанците, нема да има иднина за Балканот – посочи Брнабиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.