Телата на три женски и едно машко лице денеска околу 14 часот биле пронајдени во дворот од семејната куќа во селото Јабуковац, кај Неготин во Србија.

Телото на мажот Рајо Казимировоќ (72) било пронајдено на трактор, а во дворот биле пронајдени неговата мајка (94), неговата сестра Љубинка и нејзината ќерка Драгана. Како што дознава српски „Блиц“, тие умреле од прострелни рани, а нивните тела се пренесени во судска медицина. Се чека увид да изврши и белградската полиција.

Љубинка и Драгана дошле од Германија пред три недели во посета на семејството. Соседите велат дека Рајо не бил баш омилен меѓу соселаните, но дека немаат поим кој би можел да го изврши убиството и зошто.

Во истото село, во кое живеат околу 1.600 лица, во 2007 година се случил уште еден масакр, кога Никола Радосављевиќ со ловечка пушка убил девет свои комшии, меѓу кои и 15-годишно момче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.