Moјата Ангела никогаш не беше во врска со тој злосторник. Тој ја прогонуваше. Прво што ми рече кога ја видов беше „Мама, тој ме киднапираше кога излегов од автобусот“.

Вака за српските медиуми зборува Вера Симиќ, мајката на 22-годишната Ангела Симиќ од селото Чукојевац кај Краљево, Србија, која завчера со нож беше искасапена од 26-годишниот Александар Тодоровиќ. Тој ја убил во напуштена куќа, по што се обесил.

Таа тврди дека нејзината ќерка не била во врска со Александар, туку дека тој со месеци ја прогонувал и дека ѝ се заканувал со убиство.

Несреќната мајка вели дека Ангела успеала, иако тешко ранета, таа кобна ноќ да ѝ се јави и да ѝ каже што се случило.

Како што ми објасни, тој го следел автобусот во кој влегла таа. Штом излегла, ја натерал да влезе во автомобилот и ја однел во таа куќа. Знам дека седум пати ја пробол со нож и дека тешко ѝ го повредил белодробното крило. Не знам како ја мачел, можеби ја силувал. Добро е што си пресудил себеси, затоа што ако не го направеше тоа, јас ќе му пресудев со голи раце. Ми ја искасапи ќерката. Монструм, рекла таа.

Вера тврди дека Александар и нејзината ќерка никогаш не биле во врска.

Ја прогонуваше изминативе 5-6 месеци, од моментот кога ја запозна. Ја пресретнуваше, ѝ земаше пари, велеше дека му требаат за лекови, се јавуваше на телефон и ѝ се закануваше дека ќе ја убие, ќе ме убие мене и мојот брат. Знам дека неколку пати му кажа на пријателот кој работи во полиција што ѝ прави Александар, раскажала вознемирената мајка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.