Потенцијалните партнери во идната влада на Бугарија ги продолжуваат консултациите за најважните области од програмата за потенцијално заедничко владеење, а една од темите за денеска е надворешната политика. Од дискусијата, се очекува да стане појасно дали може да се очекува нов пристап во односите на Софија кон Скопје откако такви изјави пристигнаа од првенците на политичката групација што освои најмногу гласови на неодамнешните парламентарни избори „Продолжуваме со промената“.

Консултативните сесии се одвиваат јавно и може да се следат во директен пренос на социјалните мрежи и каналите на интернет.

Од четирите потенцијални партнери во владата, најтврд став има Бугарската социјалистичка партија (БСП), чија лидерка во оставка, Корнелија Нинова, пред неколку дена повтори дека евроинтеграцијата на Македонија не може да биде на сметка на крадењето на бугарската историја.

Новинарката на Бугарското национално радио, Тонја Димитрова, во настап за новото издание на емисијата „360 степени“, рече дека се очекува прашањето за односите со Македонија да доминира во дебатата на тема „надворешна политика“.

Се очекува тоа да е главната вест од таа онлајн-дискусија меѓу четирите партии. Сите погледи се насочени натаму. Ќе видиме какви се основните позиции на четирите партии, по изборите. Знаеме какви се тие позиции од изјавите до овој момент. Знаеме каква е позицијата и на коалицијата „Продолжува промената“, која има идеја за создавање на работни групи меѓу Софија и Скопје, налик на заедничката комисија за историја, кои би се фокусирале на соработка во други сфери, како инфраструктура, култура, образование, наука. Ја знаеме и позицијата на „Демократска Бугарија“, која исто има желба фокусот да се помести, да не биде тема само заедничката историја, туку и соработката во други сфери. Најтврди во позициите остануваат партиите „Има таков народ“ и најмногу БСП. Знаете, таму имаат тврда позиција дека не треба да се прави каква било отстапка од националните интереси на Бугарија, нешто што го поддржуваат и другите три партии во преговорите. Ниту една од нив не сака отстапка од националните интереси, а многу скоро ќе видиме и дали ќе се прошири рамката на дијалогот”, вели Димитрова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.