По наредба на српскиот министер за здравство Златибор Лончар интензивирана е работата на сите ковид амбуланти, соопштија денеска за Танјуг од ресорното министерство.

Тоа значи дека се ангажирани максималниот број здравствени работници и тријажните центри, а од утре, 6 јануари, повторно ќе започне со работа приемно-тријажната амбуланта при Градскиот институт за белодробни заболувања и туберкулоза во Звездара.

Од Министерството наведуваат дека, за жал, се остварило сето она што го посочила струката, дека масовната новогодишна ноќ ќе резултира токму со ваква состојба.

Министерството апелира до сите да бидат трпеливи и толерантни, особено кон здравствените работници кои се таму да им помогнат и не е нивна вина што некој се заразил со Ковид поради непочитување на пропишаните и препорачани мерки.

Ова е само почеток на нов бран короната кој веројатно ќе биде многу силен – велат во Министерството за здравство и потсетуваат дека единствен начин да се победи корона вирусот е вакцинацијата, како и да се избегнат сите ситуации и собири кои лесно доведуваат до голем број инфицирани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.