Лена Бориславова, шефицата на кабинетот на бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков е под истрага, јавуваат бугарските медиуми.

Имено, Софиското градско обвинителство пред еден месец поведе предистражна постапка против Бориславова за склучување непрофитабилна зделка. Повод за истрагата бил договор на Бугарската банка за развој за правни услуги со канцеларијата во која работела Бориславова пред да влезе во политиката.

Договорот го склучил менаџментот на ББР на 1 јули 2021 година, а потписници биле Владимир Георгиев и Цанко Арабаџиев. Договорот со адвокатската канцеларија „Јингов, Гугински, Ќучуков и Величков“ е за месечен надомест од 13.690 лева без вклучен ДДВ.

Според овој договор како лице за контакт е именувана Лена Бориславова, но договорот е склучен со канцеларијата, а не со неа. Во тоа време Бориславова немаше функција во извршната власт.

Договорот на ББР со адвокатската канцеларија беше раскинат три месеци подоцна, кога Лена Борисовлавова реши да влезе во политиката со „Продолжуваме со промените“.

„Обвинителството се „самопријави“, но не за заостанатите заеми или за штетата на државниот ресурс, туку поради склучен договор со канцеларијата, кој му помогна на новото раководство во првите денови од битката. Жолтиот печат ГЕРБ и ДПС ревносно учествува во битката од првиот ден. Во мај 2021 година, помислив дека најголемата лага за мене може да биде тоа што јас лично земам плата од ББР од 14.000 лева месечно. 12 месеци подоцна, сфаќам дека едноставно ми недостигаше имагинација“, коментираше Бориславова на својот Фејсбук профил на крајот на јуни.

Бориславова денеска го коментираше случајот како потег за заплашување од страна на главниот јавен обвинител Иван Гешев за кого рече дека бил директно вклучен во оваа истрага, кој пак беше на мета на владата на Петков која се обиде да го смени поради низа злоупотреби на службена должност.

-Апсолутно сум мирна, обвинителството може да истражува колку сака. Меѓутоа, за мене, од податоците со кои располагам, бидејќи дознавам само од медиумите, ова се граничи повеќе со некакво политичко дејствување. Јас лично сум подготвена да соработувам доколку навистина има предистражна постапка против мене како конкретен сторител“, коментираше таа.

Бориславова изјави дека не потпишала никаков договор во име на банка или во име на адвокатската канцеларија во врска со овој договор.

-Минатата година имаше крајно жесток отпор од старото раководство на банката кое ги склучи сите тие неповолни кредитни договори, одбиваа да ја напуштат банката, неосновано ги оспоруваа влезовите. На крајот, случаите ги доби новото раководство, истакна шефот на кабинетот на премиерот.

Банката (ББР) во моментов одлично и оди, профитира и има 81 договор за мали и средни претпријатија, но очигледно тоа некому не му се допаѓа, додаде таа.

Обвинителството се уште официјално не се изјаснило за покренувањето на оваа пред кривичната постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.