Лаура Кодрута Ковеси ја одбра Бугарија, најсиромашната и најкорумпирана земја на ЕУ, за својата прва посета на некоја членка откако Канцеларијата на европскиот јавен обвинител започна да работи на 1 јуни.

Сите се еднакви пред законот и нема да правиме разлика околу тоа кого ќе го истражуваме… Тука сме заради вас. Сакаме да стекнеме ваша доверба во нашата работа, им порача Ковеси на Бугарите на прес-конференција во Софија.

Ако бугарските граѓани имаат какви било информации што можат да бидат важни за нас, можат да ни ги испратат директно преку нашата веб-страница“, рече таа.

Многу Бугари се надеваат дека Ковеси, која се прослави како успешна обвинителка против корупцијата во Романија, ќе ја испита корупцијата во нивната земја и ќе покаже дека Брисел е сериозен во намерата да ја искорени, пишува Ројтерс.

Ниту еден висок функционер сè уште не е осуден за корупција во Бугарија.

Посетата на Лора Ковеси се совпадна со протестите на активистите против главниот бугарски обвинител Иван Гешев, кој е обвинет дека одбива да ја истражи корупцијата на високо ниво и дека поттикнува атмосфера на неказнивост.

Мала група демонстранти кои извикувале „Гешев е срамота“ и истакнувале транспаренти на кои пишувало „Гешев = мафија“ ја чекале Ковеси пред канцелариите на Комисијата на ЕУ во Софија. Таа не ги коментираше протестите.

САД овој месец воведоа санкции против тројца Бугари и 64 компании поврзани со нив поради наводна корупција.

Многу Бугари ги поздравија санкциите, но се огорчени бидејќи Бугарија и ЕУ не дејствувале први.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.