По одложувањето на дебатата за усвојување на судските закони, на што се спротивстави партијата Демократски фронт, кој е дел од владејачката коалиција, специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, изјави дека е задоволен што црногорската влада одлучи интеграцијата да стане приоритет.

Мило ми е што новата Влада ја стави интеграцијата во ЕУ како свој приоритет. Сега е важно да се претвори она што е во документите во конкретни чекори. Затоа е важно законите да бидат донесени во јавна и конструктивна дискусија и соработка со ЕУ и со Европска комисија , ако е потребно и со Венецијанската комисија – изјави Лајчак за утринската програма на Телевизија Црна Гора.

Лајчак посочи дека е важно реформата во судството да напредува, а не да уназадува и да се надградуваат и подобруваат постојните механизми.

Тој додаде дека ЕУ ја следи состојбата во Црна Гора и истакна дека е важно сите политички чинители да го почитуваат владеењето на правото, демократските принципи и заедно да изнаоѓаат одржливи решенија за актуелните прашања

Тоа треба да се случи во институциите што беа формирани за тоа и во атмосфера на меѓусебно почитување – посочи Лајчак.

Тој оцени дека треба да се бараат решенија во Парламентот.

Ако Црна Гора сака да направи напредок во соработката меѓу претседателот и Владата, соработката на опозицијата и владејачката партија ќе биде неопходна, особено кога станува збор за евроинтеграциите, бидејќи тоа е нешто што е важно за доброто на граѓаните на Црна Гора. Затоа е од клучно значење двете страни да вложат напори системот да работи и да стане јасно дека земјата се движи во правец на ЕУ – наведе Лајчак.

Кога станува збор за пандемијата со Ковид-19, Лајчак потенцира дека за ЕУ, земјите од Западен Балкан се приоритет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.