Косовскиот премиер Албин Курти, по синоќешните напади на објекти во општините со мнозинско српско население, Зубин Поток и Звечане, за вечерва свика седница на Советот за национална безбедност во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти на прес-конференција попладнево ја обвини Србија дека користи косовски граѓани за да испровоцира сериозен меѓународен конфликт.

Кризата во северно Косово, предизвикана од одлуката на Владата на Курти да воведе реципроцитет кон Србија со времените регистерски таблички, во текот на минатото деноноќие се продлабочи, откако засега непознати сторители запалија центар за регистрација на моторните возила во рамки на општинскиот објект во Зубин Поток и фрлија експлозивни направи во ист таков центар во Звечане.

Според косовскиот премиер, намерата на тие што ги предизвикале инцидентите, а кои се поттикнати и поддржани од актуелните власти во Србија, е да оневозможат опремување на возилата кои влегуваат од Србија со времените таблички, нешто што веќе 10 години го практикува Србија за возилата со косовски таблички кои влегуваат во таа земја.

Курти информира дека и покрај протестите и блокадите на границите од страна на локални Срби, минатите шест дена, од воведувањето на реципроцитетот, во Косово влегле над девет илјади возила од Србија, кои се опремиле со времени таблички со ознаката РКС и не е забележан ниту еден инцидент. Тој им одаде признание на косовските полицајци, за кои рече дека во ситуацијата покажале висок морал и се однесувале крајно професионално.

– Поединци или групи на кои владеењето на правото и јавната безбедност им ги загрозуваат криминалните активности ја напаѓаат нашата држава и го загрозуваат мирот. Јасно е оти тие се поттикнати и поддржани од Србија, односно од тамошниот автократски режим. За жал, пред очите на меѓународната заедница, Србија користи граѓани на Косово за да испровоцира сериозен меѓунaроден конфликт, оцени Курти.

Тој порача дека таквите напади нема да се толерираат и ги повика граѓаните, посебно оние од северно Косово, без оглед на нивната етничка припадност, да останат мирни и да соработуваат со институциите.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља денеска информира дека синоќа по полноќ е запален Центарот за регистрација на возила, кој се наоѓа во објектот на оштината Зубин Поток, а нападнат е со рачни бомби, кои не експлодирале, и Центарот за регистрација во Звечане.

Во објава преку својата страница на Фејсбук, Свечља оцени дека станува збор за „криминални акти со терористички елементи“.

Свечља порача дека овие настани „покажуваат што би се случило на граничните премини (со Србија) Јариње и Брњак доколку таму немаше присуство на специјалната полиција“.

Односите меѓу Приштина и Белград се затегнаа откако косовската Влада во понеделникот, на 20 септември, почна да ја спроведува одлуката за задолжително опремување со времени регистерски таблички на возилата кои влегуваат од Србија преку косовските гранични премини.

Оваа одлука предизвика протести на Србите во северно Косово, кои со патнички и други возила веќе шести ден го блокираат граничниот премин Јариње, а следеа и остри реакции од офцијален Белград, откако на граничните премини беа упатени специјалните единици на косовската полиција. Во врска со настанатата ситуација официјален Брисел, како и западните дипломати во Косово и Србија, повеќе пати ги повикаа Приштина и Белград да ги смират тензиите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.