Косовскиот премиер, Албин Курти, изјави дека прашањето за исчезнатите лица од војната во Косово во 1998-99 година и натаму останува „отворена и се уште незалечена рана“.

На средба со регионалниот директор за Европа и Централна Азија на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ИЦРЦ), Мартин Шуеп, Курти порача дека е многу значајно да се отворат државните архиви на Србија, бидејќи злосторствата не биле извршени од индивидуи, туку од српската држава.

Според соопштението од кабинетот на Курти, тој ја нагласил посветеноста на Владата да одговори на барањата и загриженоста на семесјтвата на исчезнатите, како и неопходноста од унапредување на институционалните политики за расветлување на нивната судбина.

Владата на Република Косово останува посветена и им дава приоритер на расветлувањето на судбината и на местото каде се наоѓаат исчезнатите лица, подобриот законски и институционален третман на нивните семејства и воспоставувањето на правдата – се цитира Курти во соопштението по средбата со Шуеп.

Регионалниот директор на ИЦРЦ изјави дека прашањето на исчезнатите од војната е главната причина за неговата посета на Косово и регионот.

Од големо значење за луѓето кои ги преживеале воените настани е да ги споделат истите со останатите, бидејќи на тој начин може да се дознае многу за тоа што се случило – порача Шуеп.

Според податоците на официјална Приштина, како исчезнати од последната војна во Косово и натаму се водат над 1.600 цивили, главно етнички Албанци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.