По агресијата на Путин против Украина, интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ сега мора да биде поддржана повеќе од кога било. Македонија е на тежок пат од зависна единица во поранешна Југославија до независна европска држава.

Ова го изјави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во пленарната сала на Европскиот парламент во Брисел на дискусиите за Извештајот за Македонија за 2021 година, јавува БГНЕС.

-Бугарија ја поддржува Македонија во последните 30 години на секој начин на нејзиниот пат кон Европа. Нашето европско семејство мора да биде обединето и силно и способно да одговори на заканите и предизвиците околу нас. Во интерес на Кремљ би било во ЕУ да имаат недоразбирања, омраза и дискриминација.Затоа сите овие теми кои водат до вакви негативни процеси мора да се расчистат пред почетокот на преговорите или барем да има гаранција дека ќе се решат во текот на преговарачкиот процес, изјави Андреј Ковачев.

Според него, „интеграцијата е двонасочна улица која бара напори од двете страни“.

-Сепак, земјата кандидат треба да може да ја надмине инерцијата и зависноста од поранешната југословенска идеологија, која доведе до поделба и сеење омраза меѓу двете земји со заедничка историја како Бугарија и Македонија. Договорот со Бугарија мора да се почитува, особено во делот за историско помирување, врз основа на нашата заедничка историја, работата на Заедничката историска комисија да работи врз основа на оригинални документи, како и недискриминацијата на луѓето кои отворено го изјавуваат својот бугарски идентитет.Треба да се преземат мерки за надминување на говорот на омраза, како промена во наставните програми и во учебниците, додаде тој.

Ковачев смета дека „гаранција за напредок може да биде Преговарачката рамка, каде што можеме да земеме предвид што е направено на овие теми, без да се грижиме дали во Македонија ќе дојде друга влада, како што е денешната опозиција.“

-Ја повикувам политичката класа во Македонија да покаже храброст и лидерство за почеток на преговорите, заклучи Ковачев за време на дискусиите за Извештајот за Македонија за 2021 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.