Поранешниот министер за надворешни работи на Косово и висок функционер на сега опозициското Движење самоопределување (ВВ), Глаук Коњуфца вели дека не треба да се продолжи со последната фаза на преговори со Србија, сé додека Косово има, како што вели, „влада без легитимитет“ и „премиер марионета“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Коњуфца на денешната прес-конференција изјави дека преговарачкиот тим на Косово, предводен од премиерот Авдулах Хоти, заминува за Вашингтон, каде што на 4 септември треба да се одржи нова рунда преговори со српската страна, без платформа усвоена од Собранието и „без никаков друг документ легитимиран од народните избраници“.

– Како прво, финалната фаза на дијалогот воопшто не е добро да се случи во овие услови, со една влада без легитимитет. Со премиер марионета каков што е Авдулах Хоти не треба воопшто да има преговори. Собранието е целосно заобиколено и нема ниту тим изгласан од него. Значи, имаме работа со влада која нема ниту минимум координација и внатрешно единство (…) Ова се сосема неодговорни политичари и ако продолжат вака само лошо ќе му донесат на Косово, изјави Коњуфца.

На средбата на преговарачките тимови на Косово и Србија, предводени од косовскиот премиер Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ, која во организација на специјалниот американски посредник за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Ричард Гренел, ќе се одржи на 4 септември во Белата куќа, најавено е можно учество и лично на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.