Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово потврди дека во сообраќајната несреќа на косовскиот автобус кај Славонски Брод во Хрватска животот го загубиле десет лица, а 44 добиле лекарска помош во тамошната болница, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според податоците добиени до пладне од хрватските надлежни органи, косовското МНР информира дека 15 од повредените се здобиле со потешки повреди и некои од нив се во критична состојба.

Изразувајќи им сочувство на семејствата на загинатите, властите во Приштина порачаа дека ќе им ја пружат сета потребна помош на повредените и ќе им излезат во пресрет на нивните семејства за сите потребни процедури.

Медиумите во Приштина ја пренесуваат изјавата на косовскиот амбасадор во Хрватска Гзим Касаполи, дека сите патници во автобусот кој сообраќал на релацијата Франкфурт – Приштина биле Косовари на печалба во Германија кои се упатиле на годишен одмор во Косово.

Автобусот со косовски регистарски таблички утрово околу шест часот излетал од патот и се превртел во близина на Славонски Брод, при што, според досегашниот биланс, загинаа девет патници и еден од двајцата возачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.