Лидерот на владејачкиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа вели дека без активно учество на Соединетите Американски Држави во процесот на дијалог меѓу Косово и Србија не може да се очекува да се постигне конечен договор за решавање на споровите меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Мустафа за порталот „Газета експрес“ изјави дека дијалогот што се одвива во Брисел со посредство на Европска Унија е политички и, иако него моментно го води националниот координатор Скендер Хисени, тој секако не е сведен на техничко ниво.

Лидерот на ЛДК и поранешен премиер очекува дека во процесот на изнаоѓање решение за споровите со Белград, актуелната косовска Влада, предводена од неговиот сопартиец Авдулах Хоти, ќе се консултира и ќе обезбеди согласност од сите домашни фактори – од претседателот на државата, Хашим Тачи, од партиите во владината коалиција, како и од опозицијата.

Мустафа нагласи дека водечката улога во дијалогот со Србија му припаѓа единствено на премиерот Хоти и на никој друг.

– Никој не може да го замени и да му ја одземе улогата на премиерот во дијалогот. Меѓутоа, невозможно е премиерот да разговара за сите работи и во сите фази. Дијалогот е политички и темите кои се дискутираат на ниво на државни координатори се политички, а не технички, вели Мустафа.

Во врска со посетата што деновиве ја имаше во Вашингтон координаторот за дијалогот со Белград, Хисени, Мустафа нагласи дека Косово очекува од САД да бидат активно присутни на преговарачката маса.

– Што се однесува до САД, јас го делам мислењето дека нема договор без нивно активно учество во овој процес. Не само што Косово ќе се консултира тесно со САД, туку очекува тие да бидат на преговарачката маса. Затоа ја ценам поканата од Стејт департментот за господинот Хисени и неговата посета на Вашингтон, изјави Мустафа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.