Синот на американскиот претседател Џо Бајден, Бо Бајден, кој почина од тумор на мозокот во 2015 година, вечерва постхумно доби медал од косовската претседателка Вјоса Османи. Бо Бајден служеше на Косово во 2001 година, обучувајќи локални судии и обвинители.

Медалот го прими американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, додека претседателот Бајден се обрати со видео порака.

Она што Бо Бајден го почна, заедно со неговите американски колеги, воспоставување институции и обука на судии пред независноста, денес е клучен столб на сите најважни косовски институции. Желбата за дополнително зајакнување на владеењето на правото беше исклучително јасна на гласачките кутии оваа година – изјави Османи.

Таа го спореди Бо Бајден со запалена свеќа што ги осветлува другите луѓе, додека целото семејство Бајден, според Османи, го осветлило народот на Косово во најмрачните денови за нив.

Османи порача дека Косово е дом на самиот Бајден и на сите Американци.

Она што САД и американскиот народ го направија за нашата земја, за нашата слобода, за нашето право на постоење, оди подалеку од секое партнерство што е моментално присутно низ целиот свет. Во добри денови, во лоши денови, во светлина и во темнина, ја чувствуваме вашата рака на рамото – изјави Османи.

Таа додаде дека слично како и неговиот син и Бајден дал извонреден придонес за Косово.

Како што често велам, претседателот Бајден беше нашиот глас кога го немавме. Тој се бореше да го стави Косово на мапата кога многумина во светот не беа подготвени да се вклучат во нашата борба против системската дискриминација и сегрегација извршена од тогашниот режим на Милошевиќ. Претседателот Бајден беше гласен застапник во Сенатот за интервенција на НАТО во 1999 година, со што заврши военото злосторство и геноцидот на Косово – изјави Османи.

Таа додаде дека Косово добило поддршка од Бајден и кога се соочило со некои од своите најголеми повоени предизвици, како што е „подготвување на декларацијата за независност“.

Кога го посети нашиот парламент во 2009 година, претседателот Бајден изговори зборови што продолжуваат да одекнуваат преку нашите напори да ја заштитиме нашата слобода и да ја зајакнеме нашата независност. Тој рече: „вашата независност е неповратна … апсолутно неповратна – Османи ги цитираше зборовите на актуелниот американски претседател.

Во својот говор, покрај честите пофалби и благодарници, Османи постојано цитираше што и кажувал американскиот претседател.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.