Граничниот премин Мердаре е затворен поради поставување барикади во Србија на околу два километра од оваа граница, соопшти синоќа Националниот центар за гранично управување на Косово.

Косово го затвори најголемиот граничен премин откако демонстрантите го блокираа од српска страна за да им дадат поддршка на своите сонародници во Косово. Со затворени два други гранични премини кон Србија поради слични протести од 10 декември, само три влезни точки меѓу двете земји остануваат отворени.

Последниот протест дојде неколку часа откако Србија соопшти дека ја ставила својата армија на највисоко ниво на готовност по неколкунеделните ескалации на тензиите меѓу Белград и Приштина.

Србите во Србија вчера со камиони и трактори го блокираа патот во близина на преминот Мердаре на источната граница на Косово, јавуваат белградските медиуми. Таа блокада ги спречува илјадниците Косовари кои работат на друго место во Европа да се вратат дома за празниците.

Околу 50.000 Срби кои живеат во етнички поделеното северно Косово одбиваат да ја признаат владата во Приштина или статусот на Косово како посебна земја од Србија. Тие имаат поддршка од многу Срби во Србија и нејзината влада.

Затворањето стапи на сила на полноќ, иако преминот беше очигледно веќе непрооден. Влезната точка Мердаре е најважната во Косово за патниот товарен сообраќај. Од 10 декември, Србите во северно Косово разменија оган со полицијата и поставија повеќе од десет блокади на патиштата во и околу Митровица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.