Косовскиот премиер Албин Курти на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во Приштина најави дека до крајот на годинава Косово ќе аплицира за кандидатски статус во ЕУ.

„Европа е нашата судбина, Европа е нашата иднина“, рече Курти на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар, кој е во прва посета на Западен Балкан.

„Сакаме кандидатски статус за ЕУ и ќе аплицираме до крајот на годината“, додаде Курти.

Косово прогласи независност во 2008 година и мнозинство од земјите на Европската унија ја признаваат независноста, но не и Србија, Русија и Кина, што го спречува влезот во ОН.

Нормализацијата на односите останува главна пречка на европскиот пат на Приштина, но и на Белград, и покрај долгогодишниот дијалог под покровителство на Европската унија. Германскиот канцелар Шолц повика на помирување.

„Она што е важно за Косово е дека дијалогот меѓу Косово и Србија, под Европската унија, напредува“, рече Шолц.

Двете страни мора да најдат политичко решение со глобален и траен договор што ќе придонесе и за регионалната стабилност, додаде Шолц, нагласувајќи ја потребата од борба против влијанието на Русија на Балканот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.