Адвокат по професија, активен во Нова демократија уште од студентските денови, за првпат избран за пратеник во 2004, зад себе има искуство во четири министерства, а пред изборите беше координатор на пратеничката група на тогаш опозициската партија, 60-годишниот Никос Дендијас, новиот шеф на грчката дипломатија, во Грција важи за искусен и умерен политичар, јави дописничката на МИА од Атина.

Во минатото, доста активен во грчките медиуми, ги пренесуваше неговите ставови и позиции. Кога протестите за т.н. „македонско прашање“, беа актуелна тема во Грција, тој, јавно го имаше изразено неговиот став „против“, бидејќи сметаше дека „искуството покажало дека демонстрациите никогаш не помогнале во промоција на националните прашања на корисен начин“. Има неколку пати изјавено дека Грција и Нова демократија се против ревизионизам на договорите, но и дека Договорот од Преспа е проблематичен во делот за јазикот и државјанството.

МИА анализира, кој е новиот министер за надворешни работи на Грција и кои се неговите јавно изразени ставови за Договорот од Преспа.

Никос Дендиас е роден на островот Крф, студирал на првниот факултет во Атина, а мастер студиите ги завршил во Лондон, специјализиран е во две области: морско право и криминологија.

Во Нова демократија е активен од 1978, бил член на подмладокот на партијата, во 2004 за прв пат бил избран за пратеник. Оттогаш, на сите следни избори одново добива доверба од граѓаните. Во периодот од јануари до октомври 2009 беше министер за правда, а откако Нова демократија, како коалициска влада со ПАСОК и Демократската левица, повторно се врати на власт во 2012, Дендиас две години (од јуни 2012 до јуни 2014) беше министер за цивилна заштита. Оттаму замина во Министерството за развој, а по пет месеци, се пресели во Министерството за одбрана, каде што остана се до изборите во 2015.

Од јануари 2016 е еден од координаторите на пратеничката група на Нова демократија.

Дендиас е женет и има двајца синови, а говори англиски и италијански.

Дописничката на МИА од Атина пренесува дел од ставовите на Никос Дендиас изразени јавно, како во предизборниот период така и претходно во однос на Договорот од Преспа и нашата земја.

Неговите позиции се во насока дека решението веќе постои, договорот не може да се поништи, бидејќи тие како партија се против ревизионизам на договорите, но дека може да се подобри во одредени делови, а често го споменуваше и ставот дека доколку владата на Ципрас додека ги водеше преговорите ги консултираше и побараше помош од нив, решението ќе беше многу подобро за Грција.

При учеството во дебатна емисија на државната телевизија „ЕРТ“ минатата седмица, како што тогаш објави МИА, одговарајќи на прашањето како тој како министер за надворешни работи на Грција, би ја нарекувал соседната земја – Северна Македонија или Скопје?, Дендиас рече дека „Мицотакис има излезено со јасен став, земјата има континуитет, а Грција не поддржува ревизионизам на договорите“.

Денедиас објасни дека тие како партија она што би сакале да го направат е да постигнат промени на некои од одредбите преку, како што рече, „преговори со другата страна“.

Постојат прашањата за јазикот и за националноста или државјанство, како сакате наречете го. Овие работи треба да се обидеме да ги подобриме. За ова, бидејќи како оружје ги имаме преговорите со Европската Унија, ќе направиме обиди, рече пратеникот од Нова демократија и објасни дека тоа не значи дека 100 проценти ќе успеат, туку дека ќе се обидат.

Тогаш, додаде дека „договорот ги решава историските теми“ и тоа е нешто што тие може да го задржат онака како што е, а како позитивен го спомена членот 7 и истакна дека „не постои политичар од Нова демократија кој поддржува промена на границите на Балканот“.

За можностите за подобрување на договорот во европски рамки, во улога на кандидат за пратеник од Нова демократија, говореше на 1 јули во интервјуто за „Euronews“ на грчки јазик.

Ќе разговараме со нашите европски партнери и пријатели, да видиме каде се проблемите и како можеме да ги решиме. Ние сакаме добри односи со Скопје, па оттука и да им помогнеме на нивниот европски пат. Која би била „замената“, под наводници? Подобрување на проблемите во Договорот од Преспа, објасни Дендиас.

На два дена пред изборите, говорејќи за радиото „Real fm“, Дендиас рече дека тие како влада нема да го поништат Договорот од Преспа „бидејќи тоа не може да се случи“.

Нашиот став не е дека не требаше да се реши прашањето, нашиот став е дека можеше да се реши на многу подобар начин, ако владата побараше помош и соработка од нас. Не го стори тоа, рече тој.

Со сличен став излезе и во интервјуто за информативниот портал „Newsbeast“, во кое откако ги повтори позициите на Нова демократија дека станува збор за „исклучително проблематичен договор во делот за прашањата за јазикот и државјанството- идентитетот“, упати критики до владата на Ципрас за начинот на кој ги водеше преговорите, затоа што не ја консултираше опозицијата.

Доколку побараше согласност и помош од нас, резултатот ќе беше многу подобар, бидејќи меѓународните околности беа поволни за корисен договор за земјата. Исто така, сигурно е дека постоеше и партиска мотивација во пристапот што беше следен, со цел да се предизвика проблем во Нова демократија и да се зајакнат партиските формации што се кон десно. Сепак, оваа тактика се покажа како крајно неуспешна, бидејќи проблемот се создаде во внатрешноста на владата, објасни Дендиас кусо пред изборите.

Во интервју за телевизијата „One“, на почетокот на мај годинава, Дендиас рече дека тие „ќе се обидат да го подобрат Договорот преку пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ , процес што тие го поддржуваат, бидејќи така ја поддржуваат можноста за подобрување на договорот“.

Името Северна Македонија не може да се смени, но темите што се однесуваат на јазикот и на националноста се таму запишани, два члена на кои можеме да додадеме или да одземеме работи или да ги смениме. Секако, би преферирале да го сторевме ние тоа од почеток за да имаме подобар договор. Но, ова не се случи, рече Дендиас, во интервјуто за грчката телевизија на 6 мај годинава.

Никос Дендиас беше активен и за време на расправата на Комисијата за национална одбрана и надворешни работи кога се разгледуваше нацрт законот за Договорот од Преспа неколку дена пред ратификацијата, во јануари годинава.

Тогаш, како координатор на пратеничката група на Нова демократија излезе со три барања: да биде доставен целиот текст од нашиот Устав за да се спореди кои амандмани се вметнати, да се објави писмото со оставката од Коѕијас до Ципрас и поранешниот шеф на грчката дипломатија со оглед на тоа дека ги водеше преговорите, да дојде на комисијата и да ја извести.

За време на расправата во Парламентот за ратификацијата на Договорот од Преспа во јануари годинава, Дендиас праша зошто во графата за државјанство постои „Македонец/граѓанин на Северна Македонија“, а не „Северномакедонец“, но и како владата е сигурна дека ако „бевме сите заедно во овој обид немаше да постигнеме подобар резултат“.

Дискутираме за пропуштена можност. Од страна на Скопје, конечно постоеше соговорник, постоеше меѓународниот фактор, решен да го убеди Скопје за да се реши проблемот. Штета е што во овој апсолутно поволен меѓународен момент премиерот Ципрас, наместо да ја избере Грција, ја избра СИРИЗА и неговото премиерско место, рече Дендиас кон крајот на јануари за време на расправата за ратификација на Договорот од Преспа.

Новиот министер за надворешни работи на Грција, како опозициски пратеник во минатото, јасно говореше дека не се согласува со протестите против Договорот од Преспа, велеше дека го почитува секој оној кој излегува на демонстрациите, но според него искуството од минатото покажало дека „собирите не помагаат во промоција на националните прашања на корисен начин“.

Во интервјуто за „ЕРТ“ минатата седмица, рече дека не присуствувал на ниту еден протест, иако ќе имал „политичка придобивка“ доколку го сторел тоа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.