Бугарија со уцените кон Македонија и барањето да се избрише нејзината улога во периодот 1941-1944 г. на овие простори ја демонстрира својата „сила“ само врз Македонија, која се обидува да ги започне пристапните преговори со ЕУ. Во исто време Бугарија е нема и не се обидува да изусти ниту збор кон соседна Грција за терминологијата што се употребува таму токму за периодот на Втората светска војна и улогата на Бугарија во овие историски настани.
Официјална Софија инсистира во македонските учебници да се избрише терминот „бугарски фашистички окупатор“. Деновиве премиерот Зоран Заев веќе соопшти дека во земјава на дваесетина споменици е избришан зборот „бугарски окупатор“ и е заменет само со фашистички окупатор. Од друга страна, во светските архиви постојат илјадници документи што потврдуваат на чија страна била Бугарија во текот на Втората светска војна.
Своевидна потврда дека Бугарија буквално си поигрува и ја уценува само Македонија се натписите на споменик во Драма во соседна Грција, на кој јасно е назначена бугарската улога во војната.

„Општина Драма не ги заборава 1.200-те сограѓани Евреи што беа уапсени на 3 март 1943 г. и беа погубени од германско-бугарските окупатори“, пишува на споменикот.
Фотографиите до кои дојде нашиот весник се направени деновиве во Драма и во Кавала во соседна Грција и на нив може јасно да се воочи како се гледа во Грција на улогата на Бугарија во Втората светска војна преку посочување на терминот бугарски фашистички окупатор.

Низ северна Грција има поголем број вакви споменици на кои стои „бугарски окупатор“, а слични содржини има и во грчките учебници по историја. Оттаму со право се поставува прашањето дали Софија ќе побара и од Грција да ги избрише и „избруси“ термините „бугарски фашистички окупатор“ од спомениците и да ги промени учебниците или, пак, „силата“ ќе ја покажува само врз Македонија.

– Бугарија не смее ниту да помисли да побара бришење на натписите на спомениците или корекција на учебниците во Грција. Ако тргнеме од нивното тврдење дека ние сме Бугари, а ако знаеме дека во егејскиот дел на Македонија сè уште живеат Македонци, Бугарите, ако тоа население го сметаат за бугарско, зошто не го бранат – прашува политичкиот аналитичар Александар Пандов.

Според него, Бугарија може да се побуни против Грција во рамките на Европската Унија, но не се осмелува да го направи тоа.

– Бугарија од позиција на сила се однесува кон нас и тоа го прави еден век наназад. Само наивен и слеп човек не може да види што се случува денес. Тоа е нешто што во континуитет го тераат уште од санстефанска Бугарија па наваму. Ако има некоја константа во Бугарија, тоа е нивниот однос кон нас, иако имале и некои светли проблесоци во времето на Георги Димитров, но тоа траело кратко – појаснува Пандов.

Директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, смета дека Бугарија не може да го бара од Грција она што го бара од Македонија бидејќи нема со што да ја уценува.

– Бугарија нема таква моќ оти нема со што да ја уценува Грција. Нас има со што да нѐ уценува, но мислам дека порано или подоцна ќе попуштат бидејќи не се Грција – вели Трошановски.

Тој додава дека Бугарија се обидува да издејствува подобар договор со Македонија, откако претходно увиде што сè Грција добила со Преспанскиот договор, па затоа го прави ова што го прави.

Извор: Нова Македонија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.