Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) соопшти дека ги примила одлуките на Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП) за бришење од конечните резултати на парламентараните избори од 6 октомври на гласовите од Србија и за пребројување на 1.472 гласачки места, но дека за да се постапи по нив треба да се чека евентуалната одлука на Врховниот суд, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролот на ЦИК Ваљмир Елези изјави за косовските медиуми дека по денешните одлуки на ПЗАП учесниците на изборите имаат право на жалба до Врховниот суд и дури откако ќе заврши и таа процедура Комисијата ќе може да презема дејствија.

– Во овие одлуки има правна поука која дозволува поплаки до Врховниот суд. Затоа КИЦ е обврзан да го почитува тој законски рок пред да ги процесуира понатаму. ЦИК ќе постапи како и досега, значи согласно одлуките кои ја обврзуваат, истакна Елези.

Одлучувајќи по поплаките на учесниците на изборите во врска со конечните резултати што ги објави ЦИК минатиот четврток, на 7 ноември, ПЗАП денеска да ја прифати жалбата на коалицијата Социјалдемократска иницијатива (Нисма) – Алијанса ново Косово (АКР) за бришење од конечниот резултат на гласовите стасани од Србија и ѝ наложи на ЦИК да изврши пребројување на гласовите во 1.472 гласачки места.

Лидерот на Нисма Фатмир Лимај на прес-конференција изјави дека по одлуката на ПЗАП коалицијата, која тој ја предводи има освоено 5,12 отсто од гласовите и ќе има шест пратеници во новиот Парламент.

Лимај ја оцени одлуката на ПЗАП како храбра и законита, а ја обвини ЦИК дека на 7 ноември извршила изборен фалсификат, со тоа што објави нерегуларни конечни резултати, со кои коалицијата остана надвор од Собранието со освоени вкупно 4,98 отсто гласови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.