Кипар ја обвини Турција за создавање нова мигрантска рута, што довела до тоа оваа островска држава да биде непропорционално оптоварена од мигрантскиот бран и да има најголем процент мигранти во Европската Унија во однос на нејзиното население.

Кипар, кој е членка на ЕУ од 2004 година, во последните месеци бележи големо зголемување на бројот на баратели на азил.

Многу мигранти доаѓаат преку тампон-зоната што ја надгледуваат мировниците на ОН, на островот поделен помеѓу Република Кипар на југ и Турската Република Северен Кипар (признаена само од Анкара).

Кипарските власти изјавија дека во последните четири години тие имаат најголем процент на баратели на азил во однос на бројот на жители во ЕУ, односно четири проценти, додека просекот во остатокот на ЕУ е околу еден процент.

Огромното мнозинство на мигрантски текови доаѓаат од Турција, која не ги спроведува сите договори за миграција кон Кипар. Всушност, позицијата на Турција доведе до создавање, а не спречување, на нова рута за мигранти на истокот на Средоземното Море, што диспропорционално го оптоварува Кипар и врши огромен притисок врз неговиот национален систем за азил – се наведува во заедничката изјава на кипарските министерства за надворешни и внатрешни работи.

Кипарската влада побара ова да биде една од главните теми на видео-конференциската средба на министрите за надворешни работи и внатрешни работи на ЕУ на 15 март, како и при идните разговори за Турција.

официјална Никозија ќе го покрене прашањето во Брисел за обемот на мигрантската криза со која се соочува Кипар со цел да ја обезбеди потребната помош за нејзино ефикасно надминување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.