На покана на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг од денеска до 12 ноември 2019 ќе престојува во официјална посета на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Си Џинпинг се очекува во вечерните часови да пристигне во Атина, а во текот на утрешниот ден ќе биде примен од неговиот грчки колега, а ќе оствари средба и со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис.

Паралелно, планирано е да го посети седиштето на кинеската компанија COSCO на атинското пристаниште Пиреас, но и музејот на Акропол.

Претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, во интервју за кинеската телевизија CCTV вели дека посетата на Си Џинпинг на Атина означува нов период во односите меѓу двете земји.

Павлопулос додава дека економските односи меѓу Грција и Кина се во корист и на двете земји особено по 2006 година и инвестицијата на COSCO.

Претседателот на Кина, минатиот понеделник се сретна со грчкиот премиер во рамки на посетата на Мицотакис на Шангај и учеството на Меѓународниот саем. На средбата, според грчки владини извори биле потврдени врските на пријателство и соработка меѓу двете земји и станало збор за областите во кои може да се зајакне и прошири оваа соработка. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.