Портпаролот на Штабот на мировните сили на НАТО во Косово (КФОР), Андреа Галиени изјави дека „беше јасно“ оти зад насилните протести на Србите во северно Косово, што започнаа пред повеќе од десет дена, „се криеја криминални групи кои се обидоа да ги нападнат трупите на КФОР, јави дописникот на МИА од Приштина.

Галиени на денешната прес-конференција во Приштина рече дека во протестите на 29 мај во општина Звечане беа повредени 30 припадници на мировната мисија, од кои 11 од италијанскиот и 19 од унгарскиот контингент, а во наредните денови уште неколкумина други.
Од 29 мај дополнителни сили на КФОР беа дислоцирани на косовскиот север, откако четворица градоначалници неколку денови порано се обидоа да влезат во канцелариите на сила.

КФОР беше таму за да ја спречи натамошната ескалација на протестот и на 29 мај во една општина се случи голем протест, во кој беа инволвирани војниците на КФОР.

Во протестот војници беа повредени со камења, импровизирани експлозивни средства и огнено оружје.

Беше јасно дека луѓето се обидуваа да протестираат на мирен начин, но исто така беше јасно дека зад нив се криеја криминални групи кои се обидуваа да ги нападнат припадниците на КФОР, изјави Галиени.

Тој додаде дека е задача на косовската полиција да ги открие и да ги приведе припадниците на тие криминални групи кои ги нападнаа мировниците.

Галиени нагласи дека единиците на КФОР се подготвени и обучени да реагираат во случај ситуацијата понатаму да ескалира.

-КФОР моментно ја мониторира ситуацијата и е подготвен да реагира на секаква ескалација на состојбите.

Единиците на КФОР се обучени да се соочат со секаков предизвик на полето на безбедноста, порача портпаролот на КФОР



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.