Меѓународните воени сили предводени од НАТО во Косово, КФОР, објавија денеска дека неколкумина нивни припадници резултирале со позитивни наоди на тестирањето за новиот коронавирус и воедно ги потврдија информациите дека двајца нивни вработени, локални цивили, починале од заразата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според косовските медиуми, починатите од Ковид-19 кои работеле за КФОР се жители на Урошевац и биле вработени во кампот Бондстил, кој се наоѓа во близина на тој град.

Во свето денешно соопштение за јавноста, КФОР наведува дека е посветен на спречувањето на ширењето на епидемијата на Ковид-19, при што секој нивни припадник кој покажува знаци на заболеност или бил во контакт со некој кај кого е потврдена заразата, се става во карантин.

Доколку војници на КФОР се заразат, тие се третираат во здравствените простории на базите на КФОР и се стваат во карантин за да се намали изложеноста, пред да бидат евакуирани, се вели во соопштението потпишано од командантот на меѓународната мисија, генерал-мајорот Микеле Риси.

КФОР воедно информира дека ја продолжува редовно својата мисија со мандат од Обединетите нации, „со цел да обезбеди мирен и безбеден амбиент, како и слободно движење на припадниците на сите заедници во Косово, преземајќи ги сите потребни мерки за заштита на своите војници, партнерите и населението на Косово“.

Мониторирањето и оценувањето на ситуацијата со епидемијата, се вели во соопштението, се врши во тесна координација со косовските институции и посебно со Министерството за здравство, како и со безбедносните организации и меѓународната заедница.

Капацитетите на КФОР во вршењето на операциите за придонесување на безбедноста на сите заедници во Косово не се ослабени. Ние остануваме апсолутно посветени да ја заштитиме нашата превентивна и одбранбена сила, а помагаме и во ограничувањето на ширењето на вирусот. Нашите сили остануваат спремни и нашата суштинска работа продолжува, под мандатот добиен од Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година, се вели во изјавата на командантот на КФОР, генералот Риси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.