Безбедносната ситуација на северот на Косово е напната, соопшти КФОР и изјави дека е подготвен да интервенира доколку се загрози стабилноста.

„Севкупната безбедносна ситуација во северните општини на Косово е напната, а мисијата на КФОР внимателно ја следи и е подготвена да интервенира доколку е загрозена стабилноста, во согласност со мандатот што произлегува од Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН“, соопшти КФОР.

Командантот на КФОР, како што се наведува, е во контакт со сите релевантни соговорници, вклучително и претставници на косовските безбедносни организации и началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија.

„Мисијата на КФОР е целосно фокусирана на секојдневното спроведување на мандатот на ОН за обезбедување сигурно и безбедно опкружување и слобода на движење за сите граѓани на Косово“, се наведува во соопштението, во кое се додава дека присуството на КФОР останува видливо на теренот.

НАТО, како што се наведува, продолжува да дава целосна поддршка на процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина преку дијалог под покровителство на ЕУ и ги повикува сите страни да продолжат со преговорите бидејќи, како што се посочува, тоа е од пресудно значење за зачувување на регионалниот мир и безбедност.

„Без почитување на човековите права и демократските вредности, владеењето на правото, внатрешните реформи и добрососедските односи, нема да има вистинска перспектива за подобра иднина на Балканот. Конструктивниот дијалог е клучен за регионалната стабилност“, се вели во соопштението на КФОР.

КФОР ќе ги преземе сите неопходни мерки за одржување на безбедно и сигурно опкружување на Косово во секое време, во согласност со мандатот добиен од Обединетите нации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.