Портпаролот на Меѓународните сили во Косово (КФОР), полковник Виченцо Грасо денеска изјави дека властите на Србија предвреме биле информирани за вчерашната полициска акција во северно Косово и дека „немало изненадување“.

Ситуацијата вчера беше под контрола и постојано ја следевме. Имавме добра размена на информации и бевме во контакт со косовските институции, дури и со српските власти и сите беа однапред информирани за она што се случува, така што немаше изненадувања и не е изненадување она што се случи – изјави Грасо за ТВ Прва.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, тој додаде дека КФОР ги следел операциите низ цело Косово, а вчерашната полициска операција, како што нагласи, била со цел спроведување на владеењето на правото и дека не била поврзана со мандатот на КФОР.

Грасо оцени дека „во овој момент мирот во Косово е најзагрозен од реториката и пропагандата, понекогаш и од лажните изјави“.

За 20 месеци, колку што сум во Косово, немаше големи инциденти. Најголема закана за мирот и стабилноста во Косово и во регионот е предизвикана од реториката што ја користат некои лидери, злоупотребувајќи одредени медиуми – истакна Грасо.

Како што јавуваат српските медиуми, состојбата во северно Косово засега е мирна, а во северна Митровица попладнево ќе се одржи протест на косовските Срби во организација на партијата Српската листа, која е блиска до властите во Белград.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.