Во однос на магаренцата од Санторини, надлежното Министерството испрати инструкции за начинот на употребата, што се базираат на националното и меѓународно законодавство, вели министерот за земјоделски развој и храна на Грција, Макис Воридис, најавувајќи построги контроли а казните за прекршувањата на законите ќе достигнат и до 30 илјади евра.

Магаренцата кои на Санторини се користат како превозно средство, но и како туристичка атракција за прошетка низ грчкиот остров, многупати беа на тема на организации и здруженија за заштита на животните, а и поединци, кои упатуваа критики за нивна експлоатација и малтретирање, но и тема во грчките и светските медиуми.

Последната од низата реакции дојде од членот на групата „Мотли Кру“, Томи Ли, кој испрати писмо лично до грчкиот министер Воридис. Тој вели дека му е чест што е роден во Атина и секогаш кога е на турнеја со неговата група гордо го кажува неговото потекло, но „постои проблем што ја расипува грчката репутација“ и се осврнува на прашањето со магарињата на Санторини.

Одговорот од министерот за земјоделски развој и храна на Грција, Макис Воридис, стигнува, како што велат во соопштението, по натписите во светските медиуми, пренесени и од грчките медиуми.

Во однос на магаренцата од Санторини, Министерството за земјоделски развој и храна испрати инструкции за начинот на нивна употреба, што се базираат на националното и меѓународно законодавство и нивната правилна практика. Нагласено е дека целта на Министерството во пресрет на претстојната туристичка сезона е да ги заостри соодветните контроли низ целата територија. Во случај да се констатираат прекршувања од инспекторите, сторителите ќе бидат казнети со строги казни. Предвидената казна може да достигне до 30 000 евра, соопштува надлежниот министер.

Воридис додава дека тие го следат внимателно целото прашање и информира за упатствата од ЕК што имаат за цел спречување на секаков вид на малтретирање на животните.

– На овој начин сметаме дека се задржува и се зајакнува традиционалниот карактер на локалните заедници, нивната економија се подобрува, но истовремено се заштитуваат и животните, вели Воридис.

Магарињата на Санторини најчесто се користат како превозно средство од старото пристаниште до центарот на островот и обратно, како алтернативно решение за оние кои не сакаат или не можат да поминат пеш над 500 скали или пак не сакаат да ја користат жичарницата. Секако, не е мал бројот и на оние кои ги користат и за прошетка по тесните улички на островот.

Магариња, но и коњи, како туристички атракции и превозни средства има и на други грчки острови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.