Денеска објавените резултатите од најновото социолошко истражување на јавното мнение во Бугарија, на агенцијата „Маркет линкс“, покажуваат дека владеачката ГЕРБ на изборите би добила 17,3 отсто од гласовите, а по неа ќе следи БСП со 15,3 отсто, јави дописникот на МИА од Софија.

Според анкетата трета политичка сила во моментов во Бугарија и во новиот парламент ќе биде „Има таков народ“ на шоуменот и ТВ водител Слави Трифонов со 12,3 отсто гласови. Партијата ДПС, која е поддржана од бугарските Турци, во парламентот ќе влезе со поддршка од 7,6 отсто. Во идното Национално собрание во моментов би влегле уште две партии – „Демократска Бугарија“ со 5,4 отсто и „Исправи се. бг“ на Маја Манолова и „Отровното трио“ со 4,5 отсто.

„Обединетите патриоти“ во моментов имаат 2,9 отсто поддршка од избирачите и се на работ да го освојат цензусот.

-БСП во моментов се судрува со проблемот на помала мобилизација на своите приврзаници, додека приврзаниците на ГЕРБ покажуваат силна мобилизација. Останатите политички сили се без промени, коментира Добромир Живков, јави дописникот на МИА од Софија.

Интересен е одговорот на анкетираните дека само еден отсто од нив изјавиле дека КОВИД-19 ќе ги спречи да гласаат. И речиси половината од нив велат дека датумот и вирусот нема да ги спречат да го искористат своето право на глас, што ги доведува во прашање сите досегашни јавни и политички дебати за значењето на датумот на кој ќе гласаме.

Според истражувањето, Бугарите имаат многу голем интерес за машинско гласање, 66 отсто се „за“ ваквиот начин, а повеќе од половината – 54 отсто одобруваат гласање преку Интернет. Значајна поддршка добива и гласањето по пошта.

Значителен дел од испитаниците – 66 отсто, се незадоволни од развојот на земјата.

Според истражувањето, Бугарија би имала шестпартиски парламент со многу сериозен влез на вонпарламентарната опозиција. Ова го покажуваат податоците од јануарското истражување на социолозите од „Маркет линкс“, кофинансирано со бТВ. Истражувањето беше спроведено меѓу 1.000 возрасни лица во периодот помеѓу 23 и 31 јануари со методите на лично интервју и онлајн анкета.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.