Пријателе Заев, помогни ми да се сетам кој го засилува српското влијание во Македонија?

Со ваква порака денеска се јави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, по прославата на Свети Сава и честитките од премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во статус на својот ФБ профил, Каракачанов пишува:

-Кој вели дека политичката елита во РС Македонија немала консензус за ниту едно прашање? Вчера премиерот Зоран Заев, барабар со лидерот на опозициската ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја поздравија српската заедница во својата земја по повод Денот на Св. Сава. Заев дури изјави дека во центарот на Скопје ќе биде изграден српски културен центар и го најави враќањето во училиштата на учебните програми на српски јазик и култура, укинати во времето на Груевски.

За да не остане покусо, „вмровецот“ Мицкоски, пак, се пофали дека нивната партија пред години го вовела тој српски празник и се удри в гради дека не Заев, туку тиер се поблиски до „браќу Србе“. да се смее човек или да плаче…

По тој повод имам неколку прашања до мојот пријател Зоран Заев и „колегата“ Мицкоски:

Пријателу Заев и колега Мицкоски,

1.Долго време скопската дипломатија ја обвинуваше мојата земја и мене лично дека евентуалното одлагање од страна на Бугарија на датумот за преговори на РСМ со ЕУ ќе доведе до засилување на српското влијание. Сега кој точно е виновен за засилувањето на српското влијание?

Очигледно, тоа влијание навистина се засилува, но јас се чудам-кој точно го засилува? Или, пак, како што јас мислам, тоа никогаш не ослабело?

Пријателу Заев, помогни ми да се сетам кој го засилува српското влијание во Македонија? Зашто, твојот вицепремиер Никола Димитров и опиша на Европа дека тоа го прави Бугарија!

Колега Мицкоски, за тебе знам, за тебе и тоа не е „доволно“, ти сакаш да е уште посилно, дури до степен „И по Тито-Тито“.

2.Со отворањето на српскиот културен центар ќе биде ли потсетено на окупирањето во 1913 на тогашна Вардарска Македонија од Кралството Србија? Зашто, нам, Бугарите, ни дојде преку глава да ги слушаме глупостите за т.н.„бугарска окупација“.

Ќе биде ли потсетено на насилната промена на завршувањето на презимињата од -ов и -ев во српското -иќ? Што, впрочем, го поправија т.н. од вас „бугарски окупатори“. Ќе биде ли потсетено на тоа како во училиштата децата на етнички доминантните Бугари во Вардарска Македонија беа принудувани секое утро, на првиот час, да се колнат во името на српскиот крал Александар со зборовите „Ја сам прави Србин“?

Пријателе Заев, дали овој тажен дел од историјата на Македонија е дел и од културните врски со Србија? Колега Мицкоски, како се чувствува претседател на партија, која го носи светото име ВМРО, да ги слави и чествува оние против кои ВМРО се борела во текот на целата своја историја?! Не е ли подобро да го тргтнете „ВМРО“ од името на Вашата партија-ДПМНЕ Ви е доволно.

3.Ќе биде ли забележано како дел од заедничката историја на Србија и Македонија тоа како илјадници учители, интелектуалци, свештеници, трговци, кои не се согласувале со таквата политика, биле прогонувани како „бугараши“ од 1913, па дури до 1941 година? Прогонувани во Бугарија, а не во Србија. Пријателу Заев, колега Мицкоски, наследниците на протераните од родните места македонски Бугари во Бугарија се повеќе од два милиони. Нивните репресирани и прогонети дедовци сигурно ќе се превртуваат во гробовите ако можеа да ја видат понижувачката сервилност кон Белград.

4.Ќе бидат ли чествувани двете востанија против Србите во текот на 1913 година-Тиквешкото и Охридско-Дебарското-кренати во Вардарска Македонија, која српската власт ја преименува во Јужна Србија и Српска Бановина? Или Скопје ќе инсистира дека тие се дел од тоа, што тие го нарекуваат „споделена историја“ со околните народи?

5.Пријателе Заев, ти се распраша ли за својата културна иницијатива пред албанското население во Македонија, кое жестоко настрадало и било подложно на геноцид од „пријателското“ присуство на србите од 1913, па до 1991 година?

6.А заедно со чествувањето на српската култура ќе потсетите ли и на не толку културните српски манифестации како клањето во с.Гарван, Штипско, од 2 март 1923 г. во кое српскиот жупан Добрица Матковиќ со митралез застрелал 28 цивилни жители, меѓу кои и три деца на возраст од 13 до 18 години? Нивната единствена вина била што ги поддржале четите на „бугарашката“ ВМРО на Тодор Александров. Тој настан ќе влезе ли во календарот на српската култура?

Колега Мицкоски, Вие на чија страна сте-на таа на жупанот Матковиќ и на србоманските војводи Бабунски и Соколовиќ, или на таа на „бугарашите“ Тодор Александров и Иван Михајлов? Јас го знам одговорот, но многу членови на Вашата ДПМНЕ се уште чекаат да го слушнат.

7.И на крајот едно реторичко прашање.

А, не е ли пологично во Македонија, освен националниот празник на Србија, да се слави и националниот празник на Бугарија-3 Март? Сепак, тој го означува ослободувањето и на Бугарија и на Македонија во рамките на една држава, чие прекројување на Берлинскиот конгрес доведе кревање на Кресненско-Разловечкото востание во Македонија во 1878 г., до Охридскиот заговор од 1881 г. и до создавањето на БМОРК/ВМОРО/ВМРО?

Пријателе Заев, колега Мицкоски, во тоа востание и во револуционерните борби на ВМРО најверојатно учествувале и Ваши дедовци, како и дедовци на Ваши министри, пратеници, на обични граѓани на денешна РС Македонија. Не пропуштајте да потсетите и на навистина светлиот пример на Вашите дедовци. Зашто, ако во денешна Македонија има околу 30.000 Срби, тогаш само бугарски граѓани со бугарски пасоши има над 120.000, без да ги вброиме оние десетици илјади жители на РС Македонија, кои културно чекаат на бугарско државјанство, иако Вие не признавате дека во РСМ живеат Бугари.

Многу од тие Бугари се активисти и на Вашите партии, на раководствата, Ваши пратеници, спонзори бизнисмени, блиски новинари, раководители на институции и служби, Ваши блиски роднини-браќа, сестри, братучеди. Парадоксот е што Ваши најблиски луѓе, во Вашите партии и во Вашите семејства, се самоопределиле како Бугари и го докажале бугарското потекло на нивните, а всушност и Ваши дедовци и баби.

За жал, сегашната политичка елита во Скопје претпочита да ги чествува потпалувачите на својот народ. Колку чуднен вид на балканскиот Стокхолмски синдром. Или повеќе е белгардско-московски синдром.

Пријателе Заев, колега Мицкоски, против Ковидот Ви испративме вакцини, но против Стокхолмскиот синдром нема вакцина, ниту пак лекарство, заклучува Каракачанов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.