Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, утрово ги презентира приоритетите на претседателството на неговата земја со ЕУ, меѓу кои е и Западниот Балкан, а претседателката на Европската Комисија се надева дека за овие шест месеци ќе бидат отворени преговорите со Македонија и Албанија.

Јанша се обрати пред европратениците како што е обичај при секој почеток на ново претседателство со ЕУ. Тој порача дека Западниот Балкан е многу важен регион за ЕУ, поради што Љубљана ќе организира лидерска средба помеѓу ЕУ и регионот во октомври во Словенија.

За Словенија, проширувањето е логичниот одговор на геостратешките предизвици со кои се соочува Европската Унија, и перспективата кон Западниот Балкан, но и кон земјите од Источното Партнерство како Украина, треба да заживее повторно.

Оваа перспектива треба да биде опиплива за да може сегашната генерација да верува дека ќе се исполни додека е жива, инаку не може да биде поттик, таа мора да биде извор на енергија и инспирација – изјави Јанша, додавајќи дека тоа е и најдобар начин да се придобие поддршката на граѓаните и да се поттикнат реформите.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која зема збор веднаш по словенечкиот премиер, ја поздрави волјата на Словенија да го врати Западниот Балкан на дневен ред, меѓу другото со организацијата на октомврискиот самит.

Уверена сум дека самитот со Западен Балкан ќе испрати важен сигнал до засегнатите земји дека тие се суштински стратешки партнери за ЕУ и се надевам дека словенечкото претседателство ќе умее да даде зелено светло за процедурите со Македонија и Албанија, ова е во наш личен интерес и е прашање на кредибилитет: во ЕУ дадено ветување мора да биде исполнето ветување – изјави Фон дер Лајен.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.