Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, за време на денешната парламентарна расправа за доверба на владата, „деструктивна фарса“ го нарече обидот на опозицијата да ја собори неговата влада и да формира нова, на чие чело ќе биде Карл Ерјавец, лидер на Демократската партија на пензионерите (ДЕСУС),  јави Хина.

-Предлогот на опозициската Коалиција на уставниот лак (КУЛ) е деструктивен потег и фарса, при што опозицијата залудно троши време и пари на даночните обврзници, рече Јанша во парламентот.

Бранејќи се од обвинувањата дека неговата влада ја занемарила струката во време на пандемијата на коронавирусот и политички воведуваше погрешни мерки против коронавирусот и лошо управуваше со епидемијата, Јанша кажа дека неговата влада се претставила многу подобро од претходната на Марјан Шарец, чија влада се распадна пред почетокот на епидемијата.

-Граѓаните го чувствуваат тоа преку нивниот џеб затоа што спасивме илјадници работни места и обезбедивме помош во епидемијата за сите категории. Никого не изневеривме и со тоа создадовме перспектива за иднината, додаде Јанша.

Словенечкиот премиер оцени дека обидите за соборување на неговата влада се осудени на неуспех, но ако тоа се случи, неговата Словенечка демократска партија (СДС) ќе биде подготвена за нови избори.

Словенечкиот Парламент денеска одлучува за предлогот на опозицијата за изгласување недоверба на владата на Јанез Јанша. Се проценува дека опозицијата нема шанси за успех доколку не биде поддржана од некои пратеници дисиденти од владеачката коалиција, особено од пратениците на Партијата за модерниот центар (СМК), кои во некои наврати се изјаснија против некои потези и мерки на владата на Јанша.

Доколку на владата и премиерот им се изгласа недоверба, а Ерјавец биде назначен за нов премиер, владата во оставка ќе остане задолжена за тековните работи до назначувањето министри во новата влада.

Доколку владата на Јанша го задржи мнозинството, партиите во неа најавуваат реконструкција што подобро ќе го балансира нивното коалициско влијание, Словенечката демократска партија (СДС), Партијата за модерниот центар (СМК) и Демохристијанската Нова Словенија (НСИ).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.