Хрватот Дејан Јаданиќ ја запросил својата сакана Ана Крзнаревиќ на рушевините во Петриње, на местото каде што за малку ќе го загубел животот, пред Домот на здравје во градот.

Сакав да ја запросам Ана уште минатата година, бирав место и вистински момент, а потоа се случи 2020 година со сите свои непријатности и короната, па таа идеја падна во вода – раскажува Дејан Јаданиќ од Петриње за хрватскиот „24 сата“.

Тие двајца се запознале пред четири години во продавницата каде што работела Ана и тоа за нејзиниот роденден. Дејан работи како медицински техничар во тамошниот Дом на здравје веќе 13 години, а по последниот потрес на 29 декември едвај извлекол жива глава од таму.

Годината ни донесе уште една несреќа. Потресот кој не дотолчи сите. Едноставно не знаеме што ни носи животот и што ни носи утрешниот ден. Така во четвртокот во разговор со својот најдобар пријател Марко решив следниот ден да ја запросам Ана, затоа што сфатив дека нема смисла да се чека вистинскиот момент. Секој момент е вистински – вели Дејан.

Со оглед на тоа што се испланирал набрзина во Петриње не можел да купи прстен поради ситуацијата, па добил помош од колега од Сисак. Прстенот бил купен во петокот наутро, а вечерта веќе бил на раката на Ана.

Ми рече дека треба да одиме до Домот на здравје да земеме некои работи. Таму не чекаа пријателите, а Дејан се правеше дека бара нешто по подот. Не знаев што бара, но и јас барав со него. Потоа само ја симна кацигата, клекна, извади прстен и тоа беше тоа. Се разбира, реков да! – раскажува Ана.

Таа вели дека никогаш нема да му се заблагодари доволно што успеал да и ги разубави и овие тешки моменти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.