Лидерот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, кој во неделата убедливо загуби во изборната трка за бошњачкиот член на Претседателството на БиХ од противкандидатот Денис Беќировиќ (СДП), изјави дека се уште е рано да размислува за натамошните чекори во политиката и дека е важно што неговата партија добро поминала на гласањето.

Важно е што СДА добро мина и дека ќе имаме добри позиции во Претставничкиот дом, како и во домовите на народите – изјави Изетбеговиќ по неуспешната седница на Домот на народите, на која требаше да се разговара за укинување на акцизите.

Прашан за неговите натамошни аспирации по изборниот пораз, Изетбеговиќ кажа дека се уште не размислувал за тоа, бидејќи смета дека е прерано, објавија сараевските медиуми.

Прашан и за тоа дали се можни договори со Милорад Додик (СНСД) и Драган Човиќ (ХДЗ БиХ), како и опозицијата од Република Српска за можни постизборни коалиции, Изетбеговиќ изјави дека тоа сега го гледа како невозможна мисија.

Начинот на кој тие ги замислија работите е на ниво на некои желби, а не на реалност – изјави Изетбеговиќ и додаде дека не разговарал со поранешните коалициски партнери Додик и Човиќ.

Тој смета дека постизборните коалиции треба да се формираат на таков начин за да бидат стабилни и дури потоа евентуално да продолжат разговорите.

Кога станува збор за измените на Изборниот закон, Изетбеговиќ вели дека не е оптимист.

Ние можеме само да ги труеме односите и да ја искомплицираме ситуацијата со обидот да промениме нешто важно во следните неколку месеци – смета Изетбеговиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.