Во Словенија и вработените кои работат од дома ќе мора да имаат ковид потврда, јавија словенечките медиуми, повикувајќи се на Министерството за труд.

Словенија воведе ковид сертификат за работа, за одење во трговски центри, здравствени установи, јавен превоз, освен за студентите, како и за различните услужни дејности и јавни институции.

Министерството за труд сега појаснува дека дури и оние кои работат од дома не се ослободени од обврската да поднесат потврда за вакцинација, прележан Ковид-19 или негативен тест, јави телевизијата „Н1“.

Ако вработените што работат од дома немаат ковид потврда, тие ќе мора да се самотестираат со брз антигенски тест најмалку еднаш неделно, по што мора сертификатот да го испратат до работодавачот, а во него да бидат наведени датумот на тестирање, резултатот од тестот и потпис. Трошоците за тестирање се на товар на работодавачот.

Доколку работникот не го стори тоа, ќе се смета дека ги прекршил обврските што произлегуваат од работниот однос, а работодавачот може да го казни согласно Законот за работни односи, објаснуваат од министерството.

Во отворено писмо до владата, словенечките угостители побараа укинување на задолжителните ковид потврди, предупредувајќи дека нивниот промет опаѓа и дека, според новите правила, гостите мора да имаат сертификати и на терасите.

Синдикатот на вработени во угостителската индустрија наведува дека владата со својата одлука ги задолжила угостителите за контрола на ковид пропусниците, што тие не можат да го исполнат затоа што долго време се соочуваат со недостаток на кадар.

Синдикатот на угостители изјави дека го поддржува барањето на полицискиот синдикат да ја провери уставноста на новите правила од страна на Уставниот суд.

Синдикатот на словенечки полицајци објави дека поднеле иницијатива до Уставниот суд бидејќи, според владиниот протокол, вакцинациите или прележаниот Ковид-19 се услов за одржување на вработувањето.

Продолжувањето на таквата „недозволива пракса“ може да доведе до напад врз други човекови права и основни слободи, чии жртви би можеле да бидат сите граѓани, смета полицискиот синдикат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.