Грција веќе ја призна Македонија, а тоа ќе се одрази во секое официјално споменување, вклучувајќи ги и таблите, рече портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, на редовниот брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, во однос на тоа дали, откако стапи во сила Договорот од Преспа, Грција ќе ги промени таблите на северната граница на кои сега пишува Скопје или ПЈРМ.

Во однос на таблите, што ги споменавте, јасно е и апсолутно е факт дека Грција веќе ја признава соседната држава со името Македонија и тоа ќе се одрази во секое официјално споменување од Грција кон Македонија, нешто што очигледно ги вклучува и таблите – рече Ѕанакопулос.

Грчки дипломатски извори за МИА објаснуваат дека Министерството за надворешни работи на Грција, во следните денови ќе испрати циркулар до јавната администрација со кој ќе ги информира за промената на името во Македонија, а со тоа и за потребата да се променат таблите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.