„Света Софија станува џамија – тоа е одлуката, што ја донел Државниот совет на Турција, пишува новинарот на турскиот весник „Хуриет“, Абдулкадир Селви, познат по неговата блискост до Владата. Во неговата рубрика во весникот Селви тврди дека Високиот административен суд на Турција одлучил „Света Софија“ да биде отворена како џамија.

Новинарот посочува дека ги истражувал гласините на социјалните мрежи според кои, Државниот совет донел одлука храмот одново да биде отворен за муслимански верски обреди. Истражувањето ги потврдило гласините, па дури е познат и датумот на кој ќе биде официјално објавена одлуката.

Се зборува дека десетиот оддел на Државниот совет донел едногласна одлука за отворање на „Света Софија“ како џамија и дека одлуката ќе биде објавена на 10 јули. Утре е историски ден во борбата за „Света Софија“, пишува новинарот.

Десетиот оддел на Високиот административен суд на Турција заседаваше на 2 јули по барање за поништување на одлуката на Владата од 1934 година со која храмот е претворен во музеј. Тогаш беше објавено дека одлуката на судот треба да биде објавена во рок од 15 дена.

Позитивен одговор на барањето поднесено од невладина организација за зачувување на историските споменици би го отворил патот за враќање на статусот на џамија на храмот.

Ова е третпат како истата фондација бара поништување на одлуката од 1934 година на Државниот совет. Таа за првпат се обрати до Високиот административен суд на државата во 2005 година, а потоа уште еднаш во 2016 година.

Храмот „Света Софија“ во Истанбул е изграден во текот на шестиот век како христијанска црква. Во 1453 година, по преземањето на градот од османлиските Турци, е претворен во џамија, а од 1934 година е прогласен за музеј, со што е прекината употребата за религиозни цели. „Света Софија“ се смета за еден од симболите на православието и на Византија и намерите за нејзино повторно претворање во џамија се чувствителна тема не само за Грција, туку за целиот православен свет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.