Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај смета дека Косово е на добар пат да ја совлада пандемијата на Ковид-19 и дека треба да се укинат ограничувањата на слободата на движење и оние кои се однесуваат на бизнисите, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај, чија партија е дел од владејачката коалиција, на својата страница на Фејсбук напиша дека „подигнувањето на свеста кај граѓаните во последните недели дава извонредни резултати“.

Косово е на добар пат да ја совлада пандемијата. Последните недели, подигнувањето на свеста кај граѓаните дава извонредни резултати. И натаму сметам дека ограничувањата на слободата на движење и оние за бизнисите се непотребни. Болеста ќе се совлада со нашата култура на живеење со неа, со водење сметка и грижа за сопственото и за здравјето на другите, напиша Харадинај.

Лидерот на ААК и поранешен премиер бара од Собранието на Косово да усвои пакет за економско закрепнување, со намалување на даноците за бизнисите и други потребни мерки.

Јас верувам дека нашата земја ќе закрепне, со исправни политики, со мобилизација – наша, на бизнисите и на дијаспората и со поддршка од сојузниците, порача Харадинај. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.